- Македонски
- English

Во изминатиот период во повеќе јавни комунални и водоснабдителни претпријатија СУТКОЗ како единствениот репрезентативен синдикат на Секторот односно гранката Снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината беше рамо до рамо со вработените наши членови.
Генерално вработените во овие претпријатија се соочуваат со проблем ниски плати и нивна нередовна исплата, неисплаќање на регрес за годишен одмор, немањето на работна и заштитна опрема и сл., истакна денеска на прес-конференција претседателот на СУТКОЗ Стојанче Кашиковски.
СУТКОЗ како синдикат ги користи сите законски права и права кои произлегуваат од колективните договори кои стојат на располагање за остварување на правата на работниците во овие претпријатија не исклучувајќи го правото на протест и штрајк.
Благодарение на протестите и штрајковите беа надминати проблемите со нередовната исплата на плата во ЈП Паркови и зеленило Скопје односно во двете фирми ќерќи ДООЕЛ Флораком и ДООЕЛ Луна и по одржаните 4/четири/ протести сега вработените добиваат плата истовремено со останатите вработени во претпријатието.
Во периодот од 25 до 28.август преку штрајк своето незадоволство поради нередовна исплата на плати го изразија и вработените во ЈП за ПУП Прилеп препријатие кое помеѓу останатите дејности врши и превоз на ученици на територијата на општина Прилеп.
Во ЈП Брегалница Делчево и покрај неколкуте предупредувачки протести раководството на претпријатието односно директорот не ја почитуваше потпишаната спогодба за регулирање на исплатат на регрес за годишен одмор популарно К-15 и поради тоа од страна на СУТКОЗ се поднесени неколку кривични пријави против директорот за непочитување на спогодбата и колективните договори.
Во текот на месец август беше надминат и проблемот со нередовната исплата на плата во ЈКП Комуналец Крива паланка и ЈП Солидарност Виница и тоа за наше задоволство се постигна по пат на преговори и социјален дијалог со нашите партнери менаџментот на претпријатието и градоначалниците на овие две општини.
Во однос на примената на општиот колективен договор за јавен сектор во ЈКП сакаме да известени дека по доставените Опомени пред кривична постапка за 17 директори на претпријатијата кои не постапија по истите поднесовме Кривични пријави до надлежните јавни обвинителства.
Како СУТКОЗ сметаме дека протестите и штрајковите треба да бидат крајната мерка за остварување на работничките права, а најцелисходно би било проблемите да се решаваат преку социјален дијалог.
За таа цел изминатите 2/две/ години СУТКОЗ работеше на проект “Промовирање и зајакнување на социјалниот дијалог во секторот за води преку иновативни пристапи ”финансиран од Европската унија, а заедно со нашите сродни синдикати од Бугарија, Италија и Малта како и со нашите социјални партнери Oрганизацијата на работодавачи на Македонија.