- Македонски
- English

На 28.04.2026г. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, Потпретседателот на ССМ за приватен сектор Иван Пешевски, заедно со претседателите на СУТКОЗ Стојанче Кашиковски, на ССДМ Слаѓана Миливојевиќ и Здравство Љубиша Каранфиловски со претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) учествуваа на одбележувањето на Светскиот ден за безбедноста и здравјето при работа кое се реализираше во соработка и поддршка на МОТ, под мотото: "Да обезбедиме здрава психосоцијална работна средина".



Слободан Трендафилов како Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), најголемиот и најбројниот синдикат во нашата држава согласно Агендата на настанот зема активно учество и во рамките на воведните обраќања се обрати пред присутните учесници како претставници на сите релеванти институции, социјални партнери и сите засегнати страни кога станува збор за безбедноста и здравјето при работа во рамките на областа на трудот.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, го започна своето обраќање со барање до сите присутни учесници најпрво да станат и да оддадат почит кон сите работници кои ги изгубиле своите животи на своите работни места во нашата држава како и да оддадат почит за нивните најблиски и семејства со едноминутно молчење, особено по последниот несреќен случај кој ја потресе јавноста кога само пред неколку дена млад работник го загуби својот живот за време на обавување на своите работни задачи, поради немање на здрави и безбедни услови за работа, кое нешто низ сите години на синдикалното движење не престанало да биде еден од главните приоритети за ССМ во рамките на своето активно дејствување во општеството.

- ,,364 дена во годината треба да се зборува за безбедност и здравје при работа, а денес, на Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа, треба да се молчи и да им се оддаде почит на жртвите – на луѓето кои ги загубиле своите животи на своите работни места." - истакна Трендафилов.
Тој, во овој контекст, ги повика присутните со едноминутно молчење да им оддадат почит на сите работници кои ги загубиле своите животи на работното место. Не смееме, рече, да ги заборавиме имињата и презимињата на луѓето кои дошле на работа, а потоа не се вратиле дома, ниту нивните семејства, зашто тие потоа го поминуваат најтешкиот период од нивниот живот.
– ,,Мораме да оддадеме почит на луѓето кои ги загубиле своите животи на своето работно место, макар и денеска на Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа. Состојбите треба да ги именуваме со вистинските имиња, затоа што работникот доаѓа на работа да заработи за своето семејство, да ги извршува своите работни задачи, но пред сè доаѓа на работа во безбедни услови за работа и во безбедна средина", рече Трендафилов.
Тој изрази надеж дека случајот кој беше пред неколку денови ќе го покаже спротивното, ќе покаже дека одговорните имаат име и презиме и ќе покаже дека тие мора да сносат одговорност.
Тој се осврна и на колективните договори.
– ,,Денеска треба да зборуваме како со колективни договори да утврдиме заштита од овие психо-социјални ризици на работните места. За жал, денеска колективното договарање е под огромен напад и со укинувањето или поништувањето на одреден колективен договор и можноста на укинување на другите колективни договори, се одзема можноста по пат на социјален дијалог да се уредат правата во областа на безбедноста и здравјето при работа", истакна Трендафилов.


Сојузот на синдикатите на Македонија повика на итно разрешување на случајот преку брзо спроведување на сите потребни постапки кои ќе доведат до казнување на сите оние кои не го почитуваа Законот, не ги почитуваа своите работници и дозволија нивното одење на работа да преставува ризик по нивниот живот и здравје, кое нешто не смееле да си го дозволат, а сето тоа во името на сопствените профити.
Здравите и безбедни услови за работа на работниците несомнено мора да бидат во фокусот на сите институции, засегнати страни и социјални партнери кои треба најпрво да се залагаат не само да креираат политики за безбедност и здравје при работа кои ќе дадат приоритет на превентивните мерки пред корективните мерки, туку и да настојуваат сите донесени политики строго да се почитуваат како не би доживеале трагични настани како последниот кој за жал само значеше силна порака дека нашата држава сеуште треба многу да работи кога станува збор за безбедноста и здравјето при работа, како стандард кој не смее да остане само на хартија преку давање на само празни ветувања, туку мора да се почитува, применува и преку него да се настојува да се спречи и целосно да се острани црната хроника која говори за загубени животи на работници и повредени работници на работните места. Животот и здравјето на секој еден работник нема цена, а токму тоа е главната порака која мора да се испрати преку ваквите настани.
Мораме да признаеме дека за жал бројките и трендот кога станува збор за загубените животи и несреќи на работните места ни покажуваат дека сите ние како активни чинители во општеството имаме уште многу работа кога станува збор за безбедноста и здравјето при работа, а социјалниот дијалог и на ова поле мора да заживее и да се унапреди и тоа што поскоро како би креирале политики што ќе значат унапредување на здравите и безбедни услови за работа во секој сектор и на секое поле. Само преку активно бипартитно и трипартитно делување на социјалните партнери во државата може да се обезбеди уште подобра правна рамка за остварување на правата на работниците за здрави и безбедни услови за работа, а особено целосна имплементацијата на законските и подзаконските прописи во практиката.
Социјалните партнери мора да ги следат европските и светските примери кои несомнено покажуваат дека унапредување на колективното договарање и во областа на безбедноста и здравјето при работа е основата која ќе ни овозможи да не треба повеќе да бидеме сведоци на трагични настани како оној пред неколку дена, настани кои несомнено оставаат белег на секој еден работник и македонски граѓанин.
Повредите на работниците создаваат лични, семејни трауми и проблеми и тоа не смее да се заборави. Кога се зборува за животот и здравјето на работниците, се зборува и за животот и здравјето на нивните најблиски и семејствата, а Сојузот на синдикатите на Македонија повторува дека животот на секој еден работник е наш приоритет и наша грижа и затоа сме отворени за соработка , заедничка активности и делување како со Државниот инспекторат за труд така и со сите други релевантни институции во државата, затоа што сметаме дека само заедничката активност на сите заинтересирани субјекти може да ги обезбеди очекуваните резултати во оваа област .



Безбедноста на секој еден работник не смее да биде луксуз, не смее да биде избор туку тоа е обврска за сите нас, бидејќи секој работник има право да се врати дома безбедно откако ќе ги заврши своите работни обврски, а обврска на секој еден работодавач е да го обезбеди тоа.
Работниците се основата на секоја економија, а Властите и креаторите на политиките како и секој работодавач мора тоа сериозно да го сфати, бидејќи доколку не се грижиме за работничкото здравје и безбедност ризикуваме да нанесеме силна штета не само за работниците, штета на ниво на работодавач, на ниво на сектор, туку и на ниво на национална економија, а сето тоа ќе значи и уште една основа за дополнително губење на довербата на работниците дека нивната држава преку носителите на власта се грижи за нив, дека тие се нејзин приоритет пред профитот и сопственото бегање.
Работниците не смеат да бидат третирани само како една бројка, тие се иднината на нашата држава!
Во сеќавање на мртвите, продолжуваме да се бориме за живите.