- Македонски
- English

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, остро реагира на изјавите и ставовите на дел од газдите во државата, кои повторно се жалат на недостиг на работна сила и наводна неможност за зголемување на платите, предупредувајќи дека ако продолжи оваа политика – работниците ќе одговорат со 24 часа генерален штрајк низ целата земја.
„Да помислиш дека треба да ги жалиме газдите“, вели Трендафилов, коментирајќи дека дел од работодавачите 30 години ја експлоатираат работната сила, а сега бесрамно се жалат дека нема кој да им работи.
„Истите тие газди што ги избркаа работниците, денес кукаат дека нема кој да им работи. Сакаа да увезуваат работници, а сега им бегаат и тие – па кој ќе остане за мизерна плата?“, прашува претседателот на ССМ.
Според него, газдите свесно ја манипулираат јавноста, тврдејќи дека работниците не се продуктивни, иако официјалните податоци покажуваат спротивното.
Според Народната банка на Република Македонија, во 2024 година нето-добивките по вработен во македонските компании значително пораснале во однос на 2023 година, што докажува дека продуктивноста е на високо ниво:
Градежништво – 600.000 денари (10.000 евра) нето-добивка по вработен;
Трговија, транспорт, складирање, угостителство – 300.000 денари;
Индустрија – 200.000 денари;
Информации и комуникации – 400.000 денари;
Административни и стручни дејности – 300.000 денари;
Просек на корпоративен сектор – 300.000 денари по вработен.
„Овие бројки јасно покажуваат дека секој работник не само што си ја заработува својата плата, туку обезбедува и пари за луксузниот живот на газдите – за нивните џипови, канцеларии и профити“, истакнува Трендафилов.
Дополнително, податоците од Централниот регистар ја побиваат тезата дека фирмите се затвораат поради зголемување на минималната плата. Напротив, бројките покажуваат дека со секое покачување, се отвораат повеќе нови компании, а сè помалку се затвораат:
2022 година – 7062 нови фирми, 5694 затворени;
2023 година – 7062 нови, 3372 затворени;
2024 година – 6627 нови, 2891 затворена.
„Ова недвосмислено покажува дека зголемувањето на минималната плата не е пречка, туку двигател на економијата. Нема повеќе изговори дека нема простор за повисоки плати“, вели Трендафилов.
Тој предупредува дека од јануари 2026 година, земјата ќе се соочи со уште поголем недостаток на работна сила, бидејќи младите ќе заминуваат во соседството – „со лична карта преку граница“ – каде што минималната плата е повисока: 550 евра во Србија и повеќе од 500 евра во Албанија.
„Газдите треба да се запрашаат што ќе ги загрижи повеќе – нашето барање за зголемување на платите или 24-часовниот генерален штрајк кој самите ќе го предизвикаат“, порача Трендафилов.