Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Утврдена најниска плата во земјоделството и прехранбената индустрија

08.07.2011_zemjodelstvo_najniska_plata
Во Колективниот договор за првпат е дефинирана положбата на сезонските работници

АГРО Синдикатот и Здружението за земјоделие и прехранбена индустрија на Организацијата на работодавачи вчера, на 7 јули, во просториите на МИК “Свети Николе“ ја утврдија најниската плата за овие две дејности. Во дополнувањето на Колективниот договор, што го потпишаа двете страни, најниската плата за земјоделството е утврдена на 7.350 денари и во прехранбената индустрија на 8.600 денари.

 

Анексот го потпишаа Живко Даневски, претседател на АГРО Синдикатот, Томислав Давков, претседател за земјоделие на Здружението за земјоделие и прехранбена индустрија и Влатко Ѓорѓиевски, претседател за прехранбена индустрија на истото здружение.

При утврдувањето на најниската плата е значајно што степенот еден, односно пресметковната “единица“, се однесува на занимањата помошник земјоделски работник и сезонски работник. Новост е што односот на платите е утврден на еден спрема четири, додека досега беше еден спрема три.

Во Колективниот договор стои дека платите можат да бидат и повисоки од овој однос, но не пониски од утврдената најниска плата. Најниската плата се утврдува еднаш годишно, и тоа не подоцна од 31 јануари во тековната година, додека сега утврдениот износ ќе почне да се пресметува за платите за месец септември.

Живко Даневски информира дека е посебно значајно што за прв пат се дефинира позицијата на сезонските работници. Имено, во земјоделските региони се ангажираат голем број сезонски работници, чиј статус и позиција АГРО Синдикатот го постави во својата агенда.

Претседателот Даневски ја истакнува одличната соработка и коректниот однос меѓу АГРО Синдикатот и Организацијата на работодавачи во изминатите пет години. Со овие анекси Колективниот договор добива во тежина за регулирањето на односите во двете дејности.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.