Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Вработените од „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“ втор ден во протест – бараат исплата на септемвриската плата

Вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје и фирмите ќерки „Флораком“ и „Луна“ втор ден по ред протестираат пред влезовите на претпријатието, барајќи исплата на септемвриската плата која сè уште не им е исплатена.

Незадоволството работниците го изразуваат со блокирање на двата влеза на претпријатието, секој ден во периодот од 9 до 11 часот, сè додека не се исполни нивното основно барање – редовна исплата на заработената плата.

Претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија (СУТКОЗ), Стојанче Кашиковски, изјави дека синдикатот, како единствен репрезентативен во дејноста, во повеќе наврати се обидел да стапи во контакт со раководството на претпријатието, но без успех.

„За жал, не наидовме на одзив од другата страна. Доколку во текот на денешниот ден не се исплати платата за септември, за која законскиот рок истече на 15 октомври, вработените ќе продолжат со протестите и блокирање на двата влеза до петок, секој ден од 9 до 11 часот,“ изјави Кашиковски.

Тој најави дека во петок, вработените од трите фирми заедно со Синдикатот на СУТКОЗ ќе донесат одлука за понатамошниот тек на протестите. Работниците бараат не само исплата на септемвриската плата, туку и исплата на јубилејни награди, регрес за годишен одмор и останати додатоци кои, како што велат, подолго време не им се исплаќаат.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2025 | Сите права се задржани.