Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ВРАБОТЕНИТЕ ВО ДРИСЛА СО БЛОКАДА, ОСТАНАЛЕ БЕЗ РАБОТА И ЕГЗИСТЕНЦИЈА

Вработени во депонијата Дрисла која ја менаџира Град Скопје денеска спонтано ја блокираа депонијата во знак на револт и протест поради тоа што добиле информација дека во следниот период ќе има отпуштања, како и дека нивните договори нема да бидат продолжени како што тоа им се случи на нивните колеги во ЈП Водовод и канализација и Комунална хигиена кои заради политички реваншизам на градоначалничката Арсовска останаа без егзистенција.

„Дрисла“ е блокирана од работниците, сакаат да отпуштат 30 работници, т.е. да не им ги продолжат договорите. Само што ми јавија дека ја блокирале капијата на „Дрисла“ – вели за „Слободен печат“, првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски.

Ова е уште едно од низата отпуштања во претпријатијата во надлежност на Град Скопје и уште едно каде во последниов период се случуваат протести на незадоволните вработени.

Станува збор за 30 општи работници на кои без никакво образложение не им биле продолжени договорите за работа, па во знак на револт тие не дозволуваат никој да влезе, ниту да излезе од депонијата односно вработените на влезната капија го блокираат влезот.

Со вработените беа и нивните синдикални претставници од Синдикатот СУТКОЗ при ССМ кој е единствен репрезентативен синдикат за комунални дејности.

Борбата на работниците и синдикалците од СУТКОЗ и ССМ, после немилите случувања во јавните претпријатија „Комунална хигиена“, каде на повеќе од стотина работници не им беа продолжени договорите за работа и во „Водовод и канализација“, каде вработените се пред штрајк, се пренесува во сите скопски јавни претпријатија поради тоа што работниците се загрозени од лошото менаџирање на Градот Скопје, па доколку ова продолжи, можен е целосен колапс во јавните претпријатија со кои менаџира градоначалничката Арсовска.

Во депонијата Дрисла се одлага најголемиот дел од отпадот во главниот град и со лошото менаџирање се доведува во прашање здравјето на скопјани.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.