- Македонски
- English
Синдикалниот одбор на АДГ “Маврово“ организира предупредувачки штрајк задутре, на 2. април. Причина е отворањето на стечајна постапка, со што 450 вработени ќе останат на улица.
Од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) информираат дека барањата на синдикатот се однесуваат на неисплатени придонеси за ПИОМ од 2003 до 2008 година, неисплатени заостанати плати, нерегулирано здравствено осигурување, нерегулиран статус на вработените, незаконско упатување на принуден одмор и неисплатени плати за тоа време.
Од април минатата година мнозински сопственик на “Маврово“ е “ИНГРА“ од Загреб. На 25 март 2009 година Управниот одбор на АДГ “Маврово“ донесе одлука за покренување стечајна постапка. Во соопштението, потпишано од претседателот на Управниот одбор Маријан Костренчиќ, се вели дека АДГ “Маврово“ неколку години е во финансиска блокада. Од некогашното “Маврово“ прозлезе ДООЕЛ “Мавровоинженеринг“, каде се префрлени неколку стотини вработени од АДГ “Маврово“.
Штрајкот ќе се одржи од 9 до 12 часот, во мензата на “Механизација“.