- Македонски
- English

Во Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) бројот на обраќања за правна помош и заштита е во пораст. Во првите шест месеци од 2009 година се обратиле 970 членови, додека во цела 2008 година 936 и 1.488 во 2007 година, гласи извештајот за кој се расправаше на неодамнешната седница на Претседателството на УПОЗ.
Ова секако не е конечната бројка. Луѓето се под силни притисоци и повеќето од нив се плашат да ги побараат своите права. Од тие причини голем број проблеми се пријавуваат анонимно, или остануваат непријавени. Оттаму во УПОЗ сметаат дека бројот на повредите на работните права е далеку поголем од документираните случаи.
Од своја страна состојбата сведочи за атмосферата што владее до институциите на јавната администрација. Во прашање се вработени во министерствата, судовите и другите државни органи и институции, кои честопати работат под силни притисоци од најразличен вид.
Според податоците на УПОЗ најголем број обраќања се за неисплатени плати, 366 случаи, потоа 256 за повреда на синдикални права, 112 за надомест за хранарина, 96 за регрес за годишен одмор, 61 за надомест за превоз, 20 за прекувремена работа, 18 за отказ од деловни причини, 14 за отказ од лични причини, 12 за неуплатени придонеси во ПИОМ, девет за промена на договор за вработување, четири за здравствено осигурување и по еден случај за парична казна и за засновање на работен однос.
Во јавната администрација посебно се карактеристични повредите на синдикалните права. Тие се состојат во неприфаќање и одбивање за потпишување колективни договори, необезбедување на услови за работа на синдикалните организации, забрани за пресметка и уплата на синдикална членарина, дискриминаторски однос кон претседателите на синдикалните организации и на членовите и други повреди. Во многу од овие постапки се крши Законот за работни односи, каде се пропишани правата на синдикалните организации.
Членовите укажуваат на незаконити постапки кај отказите од лични и од деловни причини. Во институциите многу пати незаконитости има кај променетите договори за вработување. Се прераспоредуват работници кои се во немилост на раководните структури, и тоа не поради стручноста, туку заради субјективни и нереални оценки.
Правната заштита на членовите на УПОЗ се извршува преку 677 дадени правни совети, 139 мислења, 42 изготвени барања, 17 поднесоци, осум расправи, седум приговори, пет тужбени барања, по две жалби и пресуди и еден допис до инспектор.
Големиот број совети, мислења, барања и поднесоци сведочат за настојувањето на работниците споровите да се решаваат по мирен пат. Поради ставувањето за работното место луѓето не сакаат да презема законска постапка. Од друга страна, претпоставените честопати немаат слух за мирно решавање на проблемите.
Во првата половина од 2009 година карактеристични се обраќањата на синдикалните претставници од Советот за радиодифузија, основните судови во Скопје, Министерството за транспорт, Казнено – поправниот дом “Идризово“, Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ, Агенцијата за катастар за недвижности, Управата за приходи, Царинската управа, локалната самоуправа во Шуто Оризари и од други институции.