Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

75 ГОДИНИ СОЈУЗ НА СИНДИКАТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

75 ГОДИНИ СОЈУЗ НА СИНДИКАТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

 

Првиот Конгрес на Сојузот на синдикатите на Македонија со тогашен назив Единствени синдикати на работниците и намештниците на Македонија се одржал на 18-21 август 1946 година во градскиот парк во Скопје, Македонија, во време кога работничката класа водела успешна борба за обнова на од војна опустошената земја.

Првиот слободен синдикален Конгрес на работниците во Македонија, покрај своето мобилизациско значење, значително допринел и за понатамошното организациско зацврстување и оспособување на синдикатите за изградба на земјата.

Периодот од првиот Конгрес на ССМ па наваму има големо значење за работничката класа, а ССМ како класна работничка организација ја опфаќал скоро целата работничка класа во Македонија.

Од основањето, Сојузот на синдикатите на Македонија имал 19 Претседатели, помеѓу кои :Аспарух Корубиноски, Димитрие Алексиески – Пекар, Ацо Ицев, Борко Темелковски, Страхил Гигов, Боге Кузмановски, Благоја Талески, Павле Давков, Џемаил Вејсели, Ѓорѓи Узуновски, Ванчо Близнаковски, Александар Донев, Васил Костојчиновски, Мирослав Георгиевски, Светозар Василевски, Живко Толевски, Ванчо Муратовски, Живко Митревски и Дарко Димовски

Со гордост денес, ССМ е најзначаен дел од синдикалната историја, а активноста на ССМ континуирано продолжува да биде обележје на синдикализмот во државата.

ССМ функционира како најстар, репрезентативен синдикат и социјален партнер во државата и приоритетно се залага за активности и мерки кои ќе придонесат за заживување и развој на економијата како база за целокупен напредок на општеството, а приоритет се правата, интересите и потребите на работниците.

Последниот 20 Конгрес на ССМ, се одржа на 03.07.2020 година и на истиот за Претседател беше избран Дарко Димовски.

Денес, Сојузот на синдикатите на Македонија е единствен репрезентативен синдикат и во јавниот и во приватниот сектор.

Сојузот на синдикатите на Македонија прерасна во организација во која доброволно и врз демократска основа се здружуваат синдикатите, а ССМ ги обединува и ги застапува заедничките општествени, економски, социјални и културни интереси на здружените синдикати.

Во ССМ се здружени 17 синдикати-членки:

  • Синдикат на работниците од агроиндустрискиот комплекс на РМ (АГРО Синдикат);
  • Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство,  занаетчиството и заштитните друштва на РМ  (СУТКОЗ);
  • Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање на Македонија (СГИП);
  • Синдикат на работниците од управата, правосудните  органи и здруженија на граѓани на  РМ (УПОЗ);
  • Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална  заштита на РМ;
  • Синдикат на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на РМ (СТКЧ);
  • Синдикат на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР);
  • Самостоен Синдикат на работниците од енергетика и стопанство на Македонија (ССЕСМ);
  • Синдикат на работниците од сообраќај и врски на РМ (СРСВМ);
  • Синдикат на хемија, неметали и метали на Македонија (СХНМ);
  • Македонски полициски синдикат (МПС);
  • Синдикат на поштенските и телекомуникациските  работници на Македонија (СПТРМ);
  • Синдикат на работниците од трговија на РМ (СРТ);
  • Синдикат на графичка, информативна, филмска, издавачка дејност и производство на хартија на РМ (ГИФИХ);
  • Синдикат на работниците  од шумарство,  дрвна индустрија и енергетика на РМ;
  • Синдикат на финансиските дејности на Македонија (СФДМ);
  • Синдикат на одбраната и безбедноста (СОБ).

Сојузот на синдикатите на Македонија останува да биде гласот на работниците, не може да се одлучува за нас, без нас !!!

ССМ е лидер на синдикалното движење во Македонија, како најстариот и најброен синдикат во државата. Оваа лидерска позиција ССМ успева со напорна работа, пред се на терен со членството, да ја задржи сите овие 75 години од формирањето.

Да се биде прв во услови на синдикален плурализам во државата, не е лесно, тоа бара постојано реорганизирање, стручно, техничко и технолошко прилагодување на современите потреби и барања на членството и работниците.

Нашата стручност и  оспособеност, грижата  за кадровската екипираност, храброста на сите синдикални лидери кои се во првите редови на делување на ССМ, нашиот отворен пристап кон социјалните партнери, нашата бескомпромисност кога станува збор за работничките права, не прави она што сме – единствен репрезентативен синдикат и респектиран национален социјален партнер во државата.

При тоа ниту за момент немаме дилема дека треба да бидеме отворени за соработка со другите братски синдикални организации и да го поттикнуваме синдикалниот плурализам во земјата затоа што слоганот на нашето делување е :,, ЗДРУЖЕНИ СО ИСТА ЦЕЛ,,

Овој слоган не води и во активностите кои ги преземаме за унапредување на социјалниот дијалог  на национално , локално ниво и на ниво на компаниите.

Заедно сме посилни кога со социјалните партнери ги креираме националните политики и стратегии во сите сфери на економскиот и општествениот живот. Свесни сме дека заеднички договореното со поголема посветеност и волја се реализира и спроведува.

Балансот на трудовите односи помеѓу работниците и работодавачите се наша водилка, а преговорите и спогодбеното решавање на проблемите помеѓу трудот и капиталот се наш приоритет.

При тоа не ја забораваме нашата улога и потребата од конструктивен придонес кога од Владата бараме реализација на нејзината програма со динамика и во обем како што таа самата го утврдила и поради што го доби мандатот да ја води државата.

Будно ги следиме случувањата во државата, имаме разбирање за здравствената криза од светски размери која направи застој во предвидените развојни политики во сите држави во светот, вклучително и во нашата, но сепак инсистираме  за побрзи, поефикасни решенија за напредок  и  нови инвестиции.

Работниците и синдикалното членство и во вака сложени  услови и опасност по животот и здравјето, изминаната година беа максимално конструктивни и трпеливи.

Здравствената криза негативно се одрази врз економските и општествените текови на државата, а најпогодени се најдоа најранливите категории на населението. Заразната болест беше причина за голем број починати кај нас и во светот, масовна појава на болни и заразени и лица кои беа ставени во изолација. Се нарушија производните процеси, се ограничија можностите за организација на работењето, се изгубија голем број работни места .

Од почетокот на кризата ССМ ги вложи сите свои напори, човечки капацитети и расположливи ресурси за заштита на животот и здравјето на работниците, одржување на работните места, обезбедување на платите и другите права на работниците и граѓаните.Наша цел е работниците и нивните семејства, здрави и безбедни да ја премостат здравствената криза за да можат по нејзиното завршување активно да се вклучат во економските и општествените процеси.

Оваа 2021 година сметаме дека е веќе  време за сериозни чекори за целосно решавање на предизвиците и обезбедување на услови за економски и општествен развој, намалување на сиромаштијата, креирање на нови, реални и одржливи работни места, поголема вработеност, но и повисоки плати и подобра егзистенција за носителите на трудот.

Свесни сме дека доколку не се преземат енергични и брзи чекори, сега и веднаш, одливот на работниците во странство и недостатокот на работна сила кој веќе се чуствува, ќе биде алармантно зголемен со што  ќе се попречи елементарното функционирање на државата. Кадровскиот потенцијал е движечката сила на секое општество, сите показатели укажуваат на тоа дека ни претстои недостаток на работна сила, пред се квалификувана и оспособена работна сила која доколку не и се обезбеди подобар стандард , поголемо почитување  на човековите права и демократски развој во државата, своето место и перспектива наместо во својата ќе го побара во државите низ светот. Тоа не смееме да си го дозволиме, а грижата за младите мора да биде цел на сите структури во државата, затоа што младите се нашата иднина.

Покрај младите, државата треба и мора во пракса да ја покаже и докаже грижата за сите нејзини работници и граѓани, со целосно почитување на човековите права, без исклучок и било каква дискриминација, при тоа потенцирајќи го значењето и нужноста од поголема грижа за ранливите категории на населението (жените, инвалидите, возрасните и сл.).

ССМ од неговото формирање до денес водел активна политика за унапредување на работничките права. Низ годините успешно се справувал со предизвиците и проблемите Активностите на ССМ за унапредување на работничките права и денес се одвиваат континуирано. Постигнати се значаен  дел од планираните и предвидени активности  кои беа зацртани во програмските определби на ССМ кои произлегоа од последниот 20 Конгрес одржан 2020 година.  Свесни сме дека дел активности не ни се завршени , дел од нив се реализираат со побавно темпо од предвиденото и дека ни  претстојат  многу нови ангажмани условени и детектирани од актуелните состојби во државата и европските и светски опкружувања, за кои сметаме дека  ССМ  спремно ке одговори  со осмислени активности  и делување.

Во годината кога одбележуваме 75 години од нашето постоење, како позначајни придобивки од ангажирањето на ССМ кои се препознаени и респектирани од членството и работниците  ги издвојуваме :

  • Унапредување на социјалниот дијалог и активно учество на ССМ преку работата на   ЕСС   во креирањето на националните стратегии и политики за економски и општествен развој на државата;
  • Воспоставивме   практика на редовни средби на претставници на ССМ  со Премиерот на државата , Министерот за труд и социјална политика  и другите ресорни министерства и на тој начин дирекно ги   договараме  приоритетите во интерес на унапредувањето на работничките права во државата;
  • Одржана е средба и со Претседателот на државата  и во отворен дијалог се договорени пунктовите за соработка;
  • ССМ активно учествува во постапката за усогласување на ЗРО и работно-правното законодавство со правото на ЕУ и стандардите на МОТ, што значи  континуирано унапредување на работничките права;
  • Обезбедуваме бесплатна правна заштита за правата од работен однос на нашето членство;
  • Во Законот за БЗР го утврдивме учеството на работниците, синдикалните претставници и претставниците на работниците за БЗР, во креирањето на сите политики и активности за здрави и безбеднии услови за работа на работниците;
  • На иницијатива на ССМ ратификувани се повеќе конвенции  и истите како дел од  домашното законодавствозначат сериозно подобрување на работничките права;
  • Постојано преговараме со цел да се унапреди колективното договарање на сите нивоа во земјата, потпишавме ОКД за приватен сектор , преземаме активности за потпишување на ОКД за јавен сектор;
  • Една од најзначајните придобивки е прифаќањето на иницијативата на ССМ и донесувањето на Законот за минимална плата со кој се обезбеди егзистенцијалниот минимум на најниско платените работници; Континуираното, согласно закон  зголемување на  висината на минималната плата е обезбедено со активно учество на ССМ;
  • Се залагаме за намалување на сивата економија, трансформирање на непријавената во пријавена работа, а со тоа и заштита на социјалните фондови и социјалната сигурност;
  • Се залагаме за одржлив развој на компаниите, апелираме за преземање на мерки за заштита на животната средина, почитување на човечкото достоинство без дискриминација по ниту еден основ и др.

Активностите на ССМ продолжуваат  со несмалено темпо, соработуваме и се договараме со претставниците на владата и работодавачите, но бескомпромисно ќе ги преземеме сите мерки и активности кои согласно закон ни стојат на располагање за целосна заштита на работниците и нивните семејства.  Став на ССМ е дека  човечкиот потенцијал е најзначаен за секое општество , а синдикалниот слоган – ,,солидарноста пред се ,,  во овие услови на здравствена криза , целосно дојде до израз. При тоа се залагаме за интегрирана активност на сите институции во државата , затоа што само така резултатите можат да бидат, видливи, побрзи и поефикасни.

Истовремено повикуваме на синдикално зачленување и организирање, силата на синдикатите е во нивната бројност, но свесни сме дека современите текови и услови на живеење бараат синдикални претставници и лидери кои ќе покажат  знаење, стручност, посветеност и ефикасност, само на тој начин синдикатите ќе си го обезбедат своето место и улога во општеството.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2021 | Сите права се задржани.