Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

АГОНИЈАТА НА РАБОТНИЦИТЕ ОД АД БАРГАЛА ПОРАДИ ПРИВРЕМЕНИОТ СТЕЧАЕН УПРАВНИК ПРОДОЛЖУВА

И денешното рочиште на кое Судот во Штип требаше да одлука за статусот на АД Баргала од Штип се одложи и истото се презакажа за 9.9.2021 година.

На барање на ССМ на рочиштето учествуваа и група на вработени за истите од прва рака да видат како привремениот стечаен управник е пристрасен и продолжува по стапките на досегашниот управител и како на истиот му е нормално работниците да останат на улица и да не бидат вратени на работа, како ги остава без плата и социјална заштита, како 2 денари или 600 денари е плата според привремениот стечаен управник итн

Според Извештајот за преземените активности и материјалното финансиско работење на должникот Баргала, сметките се блокирани неверојатни 612 дена, а и покрај тоа, привремениот стечаен управник е на мислење дека Друштво за производство на чевли БАРГАЛА АД Штип и покрај тоа што сметката на друштвото е блокирана има шанси истата да се деблокира бидејки ја извршува својата деловна активност и во моментот ја извршува.

Дополнително, на денешното рочиште, привремениот стечаен управник и должникот АД Баргала имаа ангажирано нов адвокат со што се покажува дека истите и понатаму продолжуваат да ги трошат парите на друштвото на други работи кои не се нужни за нормално функционирање на друштвото, наместо на плати на вработените.

На денешното рочиште, претседателот на ССМ Дарко Димовски беше заедно со работниците и истиот покрај другото истакна дека нема да има отстапки се додека не се исполнат барања на работниците, дека одговорност ќе се бара од секој кој што ќе се обиде на било каков начин да ги изманипулира работниците, а против привремениот стечаен управник во текот на утрешниот ден ќе биде дополнета кривичната пријава и истата ќе биде доставена до јавното обвинителство во Штип.

Напоменуваме дека нема никаква законска пречка, работниците кои работодавачот незаконски ги отпушти од работа, а по поединечни пријави поднесени од страна на ССМ, ДИТ го задолжил работодавачот да ги поништи незаконските одлуки и да ги врати на работа, тоа да го стори, а по консултации со претставници на Агенцијата за вработување, истото работодавачот односно привремениот стечаен управник можат да го сторат секој работен ден во подрачната служба на АВРМ каде што по интервенција на ССМ ги очекуваат, а не постои ниту еден законски основ за исплата на плата од 2 денари или 600 денари плата, па привремениот стечаен управник имајки во предвид дека е согласен за трошење на парите на друштвото, треба веднаш да се согласи да се исплати платата согласно Закон, договорите за вработување и колективните договори.

ССМ постапките продолжува да ги води согласно законите и одговорност ќе се бара за сите кои свесно ги намалуваат правата на работниците утврдени во закон и колективен договор.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2021 | Сите права се задржани.