ОБЈАВА ЗА МЕДИУМИ
PRESS RELEASE
7.10.2016
Сојузот на синдикатите на Македонија и оваа година активно се приклучува во мобилизирањето за одбележување на Светскиот ден за пристојна работа. Почнувајќи од 2010 година па сите овие години, концептот на пристојна работа кој го одбележува и промовира ССМ е концепт кој е поврзан со барања за обезбедување на промоција на социјална сигурност, сигурни работни места, намалување на стапката на сиромаштија, еднакви можности и работи за сите без дискриминација од било каков вид, развивање на социјалниот дијалог и учество на синдикатите во креирањето и одлучувањето за прашањата значајни за работниците.
Денес соочени со економски кризи и со опасноста од глобализацијата на капиталот, корпоративната алчност на компаниите и нерамноправната распределба на добивката, ќе го мобилизираме своето членство за остварување на правото на колективно преговарање и синдикално организирање, за сигурни работни места и достоинствени плати, социјална заштита за сите, остварување на темелните човекови права, демократија и социјална правда, безбедни услови при работа, заштита на посебната категорија работници, жени, лица со посебни потреби и здрава животна средина. ССМ и оваа година посветено ќе работи на остварување на Националната програма за пристојна работа 2015-2020.
Овој ден го одбележуваме со низа активности, промоции, плакати, семинари и тркалезни маси посветени на значењето на Денот на пристојна работа.
Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски по повод 7ми Октомври, Денот на пристојна работа истакна дека достоинствената работа мора да се заснова покрај останатото и врз верувањето дека секое современо општество треба да обезбедува нови вработувања, социјален напредок и развој, достоинствен живот, еднаков третман и еднакви можности за сите за продуктивна работа и личен и општествен развој проследен со достоинствено платен труд и социјална и материјална егзистенција.
----------------------------------------------------------------------------------------------------------
Напомена за концептот на пристојна работа
Идејата и концептот за пристојна работа произлегуваат од Меѓународната организација на трудот, промовирани во 1999 година, на 87 Меѓународна конференција на трудот. Се заснова врз сфаќањето дека работата е извор на лично достоинство, демократија и општ економски раст во заедницата. Пристојната работа е клучен елемент за постигнување на фер глобализација и намалување на сиромаштијата.
Идејата за пристојна работа е прифатена на Светскиот самит на Обединетите нации, во 2005 год., потоа од Економско- социјалниот совет на Обединетите нации (ECOSOC) во 2006 год., а на Светскиот социјален форум одржан во Најроби, е покрената кампања „Пристојна работа, достоинствен живот“ (2007 год.) и 7ми Октомври е погласен како Светски ден за пристојна работа.
Одбележувањето на овој ден е широко прифатено од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија. ССМ со тоа стана дел од глобалната акција за заштита и унапредување на економско- социјалната положба на работниците и остварување и унапредување на правото на работниците на пристојна работа.
Сојуз на синдикатите на Македонија